Принцот Хари мислел дека разговара телефонски со Грета Тунберг, па ја отворил душата околу „Мегзит“, зборувал за Доналд Трамп и за светските лидери. За жал, тој добил телефонски повик и бил измамен од двајцата најпознати руски шегаџии кои ја објавија содржината на интервјуто, пренесува The Sun.
Пранкерите Владимир Кузњецов и Алексеј Столиаров, коишто се нарекуваат Вован и Лексус, тврдат дека двапати разговарале со Хари преку фиксна линија во неговиот дом на островот Ванкувер, Канада. Тој бил уверен дека од друга страна на линијата е 17-годишната активистка Грета Тунберг и нејзиниот татко. Интервјуата се одвивале на 14 и на 22 јануари. Еден од разговорите бил објавен во понеделникот вечерта на Јутјуб и Фејсбук, но сега веќе не е достапен.
На социјалните медиуми кружат делови од разговорите. Во интервјуто, Хари вели дека Доналд Трамп имал „крв на рацете“ околу неговите ставови за климатските промени, британски политички систем го нарекува кршлив и признал дека е „целосно одвоен“ од остатокот од кралското семејство. „Ве уверувам бракот со принц и женидбата за принцеза не е воопшто онаква каква што изгледа“, се шегува Хари.
„Понекогаш вистинската одлука не е лесна. Оваа одлука не беше лесна, но беше вистинска за нашето семејство, за да го заштити нашиот син. Мислам дека има многу луѓе ширум светот кои можат да се идентификуваат со нас и да нè почитуваат затоа што ние го ставаме семејството на прво место“, вели Хари во врска со одлуката да ја напушти Британија.
Портпаролот на Хари одби да го коментира овој разговор. Извори блиски до принцот велат дека е сосема логично што тој сакал да разговара со Грета за климатските промени.
Овие двајца руски шегаџии веќе ги измамија Борис Џонсон, Берни Сандерс и Елтон Џон.