Коронавирусот е глобална криза, не е ограничена на ниту еден континент и затоа бара соработка, а не еднострани потези, се реакциите на лидерите на ЕУ за забраната на САД за патување од Европа во САД.
„Европската Унија не го одобрува фактот дека Соединетите Држави воведоа забрана за патувања еднострано и без консултации“, се вели во заедничката изјава на претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел и претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.
„Коронавирусот е глобална криза, не ограничувајќи се на еден континент и бара соработка, а не еднострани потези“, се додава во соопштението.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја објави одлуката за воведување забрана за влез во Соединетите Држави од шенгенскиот простор.
Забраната стапува во сила в петок на полноќ, ќе трае 30 дена и важи за 26 земји од зоната на слободно движење во Европа.