По вчерашниот благ скок, бројот на заразени и починати од вирусот во Кина денеска продолжи да опаѓа. Во претходниот ден во оваа земја забележани се нови 15 случаи на заразата, а 11 починале. Од болница досега излегле 62.887 луѓе ширум Кина. Животот почна да се враќа во нормала и во најтешко погодениот град Вухан.
Хотелот „Синџија“ во источниот кинески град Ѓунџоу, кој беше во карантин поради коронавирусот, требаше да биде безбеден покрив за 72 луѓе. Но, зградата се урна во саботата усмртувајќи најмалку 20 луѓе. Кога исчезнаа сите надежи дека има уште преживеани, спасувачите по речиси 70 часа слушнале човек кој бара помош под урнатините. Извлечен е жив и сместен во болница.
Вести за преживеани последниот месец доаѓаат од Кина се почесто отколку било кога, 62.000 луѓе во оваа земја го победија коронавирусот. Во Вухан затворени се сите 16 привремени болници за лекување на заразени од новиот вирус. Стадионот Вучанг Хонгшан во Вухан на 5 февруари беше претворен во болница за речиси 800 кревети и прими над 1.100 пациенти.
„Се опоравивме благодарение на внимателната грижа на персоналот. Сакам да ги повикам медицинските работници да дојдат во Вухан повторно како наши драги гости, без маски и заштитни одела, да се облечат во што се чувствуваат убаво“ рекол излекуван пациент, Вен Чангпинг.
Во привремената болница Вучанг работеа лекари и техничари од цела Кина.
По 26 дена непрекината работа, дојде време да се затвори уште една, последна привремена болница во Вухан. Пружајќи третмани на кинеската традиционалната медицина, привремената болница Ѓијангси, сместена во спортскиот центар, прими повеќе од 560 пациенти. За оние кои работеле непрекинато борејќи се со вирусот, ова е момент на големо олеснување.
„Многу сум возбуден. Пуштени сме од болница, што значи дека можеме да одиме дома. Не сум бил дома повеќе од еден месец“ рекол еден возач на автобус.
Привремените болници во Вухан примија вкупно 13.000 пациенти, а повеќе од половина досега го победиле вирусот и заминале дома. За останатите, борбата се уште трае.