Иран соопшти дека побарал итна финансиска помош од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој не му позајмил средства уште од 1962 година, заради борба против епидемијата на новиот коронавирус.
– Нашата централна банка побара пристап до инструментот за брзо финансирање на ММФ, соопшти преку Твитер иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф.
Тој од Одборот на гувернери на ММФ, кој во пракса не може да донесе ниту една одлука без согласност од САД, побара на иранското барање да одговори „на одговорен начин”.
Според последните податоци, во Иран од Ковид-19 се заболени 10.075 лица, а починаа 429 пациенти.
Гувернерот на иранската централната банка Абдоинасер Хемати, во писмо од 6 март до ММФ побарал износ од околу пет милијарди долари.
ММФ на својата интернет страна соопшти дека инструментот за брзо финансирање им стои на располагање на сите држави-членки на кои итно им треба помош. Извршната директорка на ММФ Кристалина Георгиева претходно потврди дека земјите погодени од коронавирусот ќе можат да добијат помош од Фондот по пат на тој инструмент.