Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) може да ја откаже својата пролетна седница поради појавата на коронавирусот, напиша претседателот на Комисијата за надворешни работи при руската државна Дума, Леонид Слуцки, на „Телеграм“, пренесува ТАСС.
„ПССЕ може да ја откаже својата пролетна сесија што треба да се одржи во Стразбур од 20 до 24 април. Сè уште не е донесена формална одлука, но објавено е предупредување за можно откажување“, посочи тој.
Слуцки додаде дека ПССЕ веќе ја откажа посетата на Русија за известувачите од мониторинг-комисијата што се очекуваше да се случи на крајот на март.
Тој истакна дека ако седницата на април биде откажана, тоа би било логичен чекор по потегот на СЗО да прогласи глобална пандемија, а исто така има и потреба да се преземат мерки на претпазливост за да се спречи понатамошно ширење на вирусот.