По преземени оперативни мерки, а по претходна пријава на В.П.(44) од Битола дека е уценуван, на 11.03.2020 во 14.45 часот на ул.„Самоилова“ во Скопје, полициски службеници од Единицата за насилен криминал при Секторот за внатрешни работи Скопје ја лишиле од слобода Е.С.(34) од Скопје, со живеалиште во Битола.
Според пријавеното, Е.С. се заканувала на В.П. дека ќе објави негови компромитирачки фотографии доколку не ѝ исплати 1.200 евра.
Таа била лишена од слобода веднаш по примопредавањето на парите и во консултација со Основното јавно обвинителство, против неа ќе биде кривична пријава.
ОЈО Скопје поведе постапка против битолчанката, поради основано сомнение дека го сторила кривичното дело – Уцена од член 259 став 1 од Кривичниот законик.
-Во периодот од 15 јануари до 11 март, осомничената со намера да се стекне со противправна имотна корист, во повеќе наврати му се јавувала на оштетениот со кого претходно била во љубовна врска, барајќи парични средства во висина од 20.000 евра. Таа го уценувала оштетениот дека доколку не и ги даде парите ќе испрати компромитирачки фотографии од него на неговото семејство и ќе ги објави на социјалните мрежи со цел да ги наруши неговите чест и углед. Продолжувајќи со истите закани и уцени, на 10 март 2020 година, осомничената го контактирала оштетениот преку апликациите Viber и WhatsApp, при што побарала од него да и исплати 13.000 евра, намалувајќи ја сумата за 7.000 евра. Откако оштетениот не се согласил, осомничената испратила компромитирачка фотографија на мобилниот телефон на неговата сопруга. Потоа му се јавила на оштетениот и побарала од него следниот ден, на 11 март во 14:00 часот, да и донесе 1.200 евра во хотел во Скопје, а остатокот од побараните 13.000 евра да и бидат исплатени до крајот на неделата. Осомничентата се заканила на оштетениот дека доколку не и донесе пари, фотографиите овојпат ќе ги испрати на неговото дете и ќе ги објави на социјалните мрежи, велат од ОЈО.
Во насока на обезбедување непречено одвивање на кривичната постапка, а поради опасност осомничената да се крие или да се даде во бегство, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за осомничената.