Српската Влада донесе мерки за да ги спречи негативните ефекти на коронавирусот врз економијата и стопанството, а со одлуката на Народната банка на Србија (НБС) да ја намали референтната каматна стапка на 1,75 проценти, одлучи да инвестира дополнителни 24 милијарди динари во проекти за капитална инфраструктура, изјави денеска на прес конференција премиерката Ана Брнабиќ.
Таа вети и еднократна помош за сите пензионери од најмалку 4.000 динари (34 евра) во текот на следниот месец.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Брнабиќ за состојбата со коронавирусот рече дека, според глобалните извештаи и најконзервативните проценки, пандемијата на вирусот Ковид-19 ќе има влијание врз светската економија и дека глобалниот раст ќе се намали за најмалку 0,5 проценти.
-Што се однесува до српското стопанство и економијата, ситуацијата е под контрола, нема причина за паника и таа се следи од минута во минута, кажа премиерката, наведувајќи дека српската економија во моментот добро се држи.
Таа истакна дека најранливите сектори во Србија се туризмот, транспортот и логистиката и истакна дека зголемувањето на инвестициите, јавни и приватни, е секогаш најдобар лек против забавување на растот.
-Вчера е решено да се инвестираат дополнителни средства, нешто повеќе од 200 милиони евра во капитални инфраструктурни проекти, со цел стимулирање на растот и забрзување на имплементацијата на програмата „Србија 2025″.
Брнабиќ истакна дека се одржуваат дневни состаноци со претставници на малопродажните синџири во земјата и дека има доволно стока на полиците и апелираше граѓаните да не создаваат залихи.
Брнабиќ кажа и дека имала средба со министерот за земјоделство Бранислав Недимовиќ, кој ја информирал дека на пазарот има доволно земјоделски производи .
-Се има доволно, како во стоковите резерви, така и кај производителите, кажа Брнабиќ.
Таа изјави дека утрово имала средба и со компаниите за производство на маски со кои е разговарано за тоа како да им се олесни работата, а истите ветиле дека ќе работат во три смени за да ги задоволат потребите на средства за дезинфекција на пазарот.
Во врска со економските мерки во Србија за борба против коронавирусот, Српската стопанска комора (ПКС) покрена специјализиран сервис во врска со тековната состојба предизвикана од коронавирусот, на кој бизнисмените ќе можат да бидат информирани за сите клучни прашања поврзани со бизнисот во земјата и странство, влијанието врз одделните сектори, како и за најновите настани, официјални препораки и мерки.