Македонскиот државјанин Самир Мемед е еден од шестмината затвореници по кои трага италијанската полиција, а кои успеале да избегаат за време на немирите во затворот во Фоџа во понеделникот. Меѓу избеганите затвореници има убиец, како и тројца припадници на мафијашкиот клан Гаргано.
Бунтот во затворот во Фоџа, како и во неколку други градови во Италија беше поттикнат од одлука на Владата да се забранат посетите на затворениците за да се спречи ширењето на заразата со коронавирусот.
Немирите во затворот почнале во понеделникот утрото при што бил запален оган и уништени две затворски одделенија и компјутерската соба. Опожарени биле педесеттина кревети и искршени дузина прозорци.
Видеа од бегството може да ги видите: видео и видео1
Најголемиот дел од затворениците избегале преку капијата во делот од затворот поврзан со улицата, која ја искорнале. Дел од затворениците се качиле на покривот. Бунтот бил задушен, а полицијата при интервенцијата повредила неколку осуденици.
Немирите биле предизвикани и од незадоволството на затворениците, кои рекле дека не бараат амнестија, туку дека бараат подобри услови за живот бидејќи живеат во „пекол“ и кон нив се однесуваат како животни.Капацитетот на затворот е 365 осуденици, но во него има 606, од кои 72 успеале да избегаат. Во изминативе четири дена полицијата успеала да уапси 66, а уште шестмина се во бегство, меѓу кои и Садики.
Како резултат на бунтот, денеска 107 затвореници беа транспортирани од затворот и преместени во други воспитно поправни установи во голема акција на полицијата спроведена од 150 полицајци со оклопни возила и хеликоптери.