Десет руски атлетичари како неутрални спортисти на Игрите во Токио

– Интернационалната атлетска федерација (ИААФ) соопшти дека ќе дозволи 10 натпреварувачи од Русија да настапат на Игрите во Токио како неутрални спортисти, додека Рускиот атлетски сојуз е казнет со 10 милиони долари.

„Очигледно дека претходните мерки не беа доволни да ја променат културата во руската атлетика. Се надеваме дека оваа дополнителна мерка ќе биде доволна да предизвика вистински промени”, рече претседателот на ИААФ, Себастијан Коу.

Атлетскиот сојуз на Русија беше суспендиран во 2015 година по извештајот на Светската анти-допинг агенција за распространет допинг меѓу атлетичарите со помош и прикривање од државата. ИААФ одлучи да даде 10 дозволи за руски претставници во Токио, бројка што може да биде и зголемена во зависност од напредокот со реформите во земјата.

Русија до 1 јули е задолжена да лати пола од казната, а останатиот дел е суспендиран на две години и ќе биде платен ако атлетскиот сојуз во земјата стори нов антидопинг прекршок.

На последните Олимписки игри во Рио де Жанеиро, Русија беше претставена од Дарија Клишина во скок во далечина. На ланското СП во Доха, пак, „зборнаја” имаше 29 репрезенти кои освоија вкупно шест медали.

Треба да знаете
Последни објави