Обвинителите Ленче Ристовска, Фатиме Фетаи, Трајче Пеливанов и Гаврил Бубевски се првите сведоци на второобвинетата во аферата „Рекет“ Катица Јанева. Четворицата сведоци ќе сведочат откако на утрешното рочиште нејзините адвокати ќе почнат со прикажување материјални докази.
Дел од рочиштата на кои ќе биде презентиран доказен материјал од предмети во истрага на СЈО како што е „Империја“, ќе бидат затворени за новинарите. Тоа го побараа адвокатите на Јанева, Дељо Кадиев и Ирена Фрчкоска.
Јанева има предложено вкупно 13 сведоци.
Јанева во „Рекет” е обвинета за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување”, а Бојан Јовановски за „Примање награда за противзаконито влијание” и за „перење пари”.
На денешното рочиште за “Рекет” беа презентирани фотографии од гардеробата на Бојан Јовановски со цел да се докаже дека поголемиот дел е купена пред 2019 година. Адвокатот на Бојан Јовановски, Сашко Дуковски во изјава за медиумите посочи дека со деталното опишување на облеката се гледа оти обвинетиот ја поседувал одземената гардероба уште од започнувањето на 2013 година, па се до денот на претресот.
Тој додаде дека не е физички возможно толкава количина на облека да се купи за неколку месеци.
Дуковски, во изјава за медиумите порача дека има уште еден доказ, а тоа е мобилниот телефон на Јовановски. Тој посочи дека се работи за УСБ кое го добиле вчера, а откако ќе се провери дали ја има целосната содржина од телефонот, ќе биде изведено како доказ пред судот.