Албанскиот претседател Илир Мета заедно со членовите на неговиот кабинет, во Националниот центар за трансфузиологија денеска даруваше крв за децата болни од таласемија.
Откако од центарот излезе без заштитна маска и беше прашан зошто, тој објасни дека претходно е тестран за коронавирус и оти стои на предвиденото растојание од сите, па и од новинарите.
Тој истакна дека тука дошле откако направиле тест за коронавирус и упати апел до граѓаните строго да ги почитуваат препораките и да се придржуваат на мерките предложени од надлежните.
– Дојдовме овде откако направивме анализа. Ви реков дека не стојам толку блиску. Луѓето треба да бидат внимателни и да се јавуваат на телефонскиот број 127. Треба да се размисли за уште еден број и секако да ги следиме сите препораки. Верувам дека сите заедно ќе ја надминеме оваа ситуација со многу поголемо внимание и без паника, изјави Мета.
Оцени дека потребата од крв за децата заболени од таласемија е неопходност поради што треба да се дарува крв и да се покаже солидарност.