Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК) и поранешен премиер Рамуш Харадинај ги покани денеска на средба лидерите на косовските парламентарни партии, на разговори за актуелната политичка ситуација во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во поканата, која ја објави на својот Фејсбук, Харадинај вели дека на средбата, која ја свика за во 14 часот во Собранието на Косово, ќе се разговара за таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина и за односите со САД и Европската унија.
– Пред себе ја имаме можноста за унифицирање на ставовите околу две теми: 1. Одењето напред со Америка или чекањето за Европа; 2. Таксата, за која некои бараат суспендирање, некои безусловно укинување, а некои реципроцитет пред или по укинувањето. Мој и став на ААК е дека таксата треба да се задржи до признавањето (на Косово) во постоечките граници од страна на Србија, напиша Харадинај, изразувајќи надеж дека „нема да се одбие обединувањето и обидот за единство во овој решавачки момент за земјата”.
Засега ниту една од парламентарните партии нема одговорено, ниту позитивно ниту негативно, на поканата од Харадинај.