Педесет респираторни машини, дополнителна заштитна опрема, 1.000 нови тестови и два мобилни апарати за рендген снимање (со цел пациентите да не одат на Рендген институтот) ќе бидат набавени. Иницијално беа набавени 1.000 тестови, околу 50-тина се потрошени и има уште 950, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека вчера биле задолжени од Владата за што алоцирале средства од Буџетот за таа намена.
Одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во Владата Филипче рече дека грубо кажано околу 200 граѓани се во изолација, меѓутоа ќе направат точна анализа, подготвуваат и ексел табела со точни времиња, тајминзи и на тоа работат епидемиолозите.
– Само членовите на семејствата се во изолација. Епидемиолозите утврдија дека нема голем значаен ризик тие да бидат преносители, второ или трето линиски согласно нивните кажувања, согласно интервјуто. Во однос на другите луѓе кои се во изолација досега немам информација дека некој има симптоми или каков било знак на болеста, потенцира Филипче.
Тој рече дека за денеска се закажани состаноци со директорите и раководителите и тие веќе прават внатрешна прераспределба, пред се, на персоналот кој има искуство во работа на одделите за интензивна нега – од Клиниката за анестезија и од Клиниката за неврохирургија.
– Работат пунктовите за превентива, нема одложување на бебињата и предучилишните деца, а согласно прегледите и здравствената состојба кај училишните деца може да има одложување на периодот за примање на вакцина од еден до два месеци, меѓутоа тоа ќе го кажат експертите и по препорака ќе го добијат од Комитетот за имунизација, рече Филипче.
Тој истакна дека низ градот видел дека на повеќе места се поставени средства за дезинфекција и апелираше тоа да го направи секој заради тоа што тоа е мерката со која се спречува ширењето на инфекцијата.
Како што објави Филипче, кај тројца од деветтемина пациенти со коронавирусот кои се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје има мало влошување на здравствената состојба, а се врши тестирање кај еден пациент.