Џонсон: Ќе бидам искрен, ќе ги зaгубите саканите поради коронавирусот

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска оцени дека светот се соочува со здравствена криз без преседан, и ги предупреди сограѓаните дека многу семејства ќе се соочат со смрт на своите најблиски од новиот коронавирус.

На прес-конференцијата по денешниот состанок на Комисијата за кризни ситуации при Владата, Џонсон рече дека епидемијата ќе продолжи да се шири. На забелешките дека државата не донела долгорочни мерки, како многу други земји, Џонсон одговори дека Владата ги следела упатствата и советите на науката и најави дека „вистинските чекори ќе бидат направени во вистински момент”.

Премиерот советуваше секој со постојана кашлица или треска да се изолира на седум дена. Започнувајќи од утре, училишните патувања во странство ќе бидат забранети , а на постарите лица и оние со претходно хронични медицински состојби им се советува да не одат на патувања.

-Да биде јасно, ова е најлошата здравствена криза во една генерација. Некои ја споредуваат новата инфекција на коронавирус со сезонскиот грип, но тоа во никој случај не е точно. Морам да бидам искрен со вас, со британските граѓани, многу семејства ќе ги загубат своите најблиски пред време, додаде тој.

Изјавата на Џонсон следуваше откако главниот научен советник на британската Влада Патрик Валанс рече дека реалниот број на заболените е многукратно поголем од потврдените.

Во Велика Британија засега се потврдени 590 случаи, од кои 130 се во последните 24 часа, што е зголемување за 29 отсто.

– Ако размислите што тоа навистина значи, поверојатно е дека реалниот број на заразени е некаде меѓу 5.000 и 10.000, рече Валанс, потенцирајќи дека врвот на епидемијата во таа земја се очекува за 10 до 14 седмици.

Треба да знаете
Последни објави