Лидерот на лево-либералната група во Европскиот парламент се пожали дека американскиот претседател Доналд Трамп ја третира континентална Европа како жртвено јагне со забраната за патување во САД, пренесува „Брејтбарт“.
Дачијан Чолош, поранешен премиер на Романија, е претседател на групата „Обновете ја Европа“ во која членува и прогресивната партија на францускиот претседател Емануел Макрон.
Тој утрово во твит се пожали дека 30-дневната забрана за патувања од Европа,со исклучок на Велика Британија и Ирска, нема да го запре ширењето на смртоносната пандемија со потекло од Кина, по која Италија стана епицентар, повикувајќи се на глобална солидарност.
„Вирусите не познаваат граници или националности. Национализмот и префрлањето вина не се противотров. Ова е глобална криза за која е потребна глобална солидарност. Потребни се мерки за ограничување, но не и самоволие. Европа ќе биде ваш партнер, а не ваше жртвено јагне“, напиша тој.
Иако не го спомна директно претседателот Трамп, членот на Европскиот парламент Гај Верхофштат,кој повикува на ново европско царство, исто така рече дека национализмот не е одговор за справување со коронавирусот затоа што вирусите не признаваат граници или националности (додека човечките суштества кои носат вируси секако можат да бидат ограничени со граници).
„Сите сме заедно во ова“, рече Верхофштат, додавајќи дека потребен е европски пристап за справување со пандемијата.
Трамп ја објави забраната за патување во средата, велејќи дека летовите од континентална Европа ќе бидат прекинати во период од 30 дена за да се спречи понатамошното ширење на коронавирусот. На Американците кои патуваат од Европа и кои биле прегледани ќе им биде дозволено да се вратат дома.
„Европската Унија не успеа да ги преземе истите мерки на претпазливост и да го ограничи патувањето од Кина и другите жаришта“, рече Трамп, додавајќи дека како резултат на тоа, голем број нови жаришта во САД беа иницирани од патници од Европа.