МФК ќе и помага на ДТИРЗ да подготви кампања за привлекување инвестиции

Меѓународната финансиска корпорација (МФК), членка на Групацијата Светска Банка, потпиша договор за советодавни услуги со нашата Дирекција за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ) за да ѝ помогне да спроведе кампања за привлекување инвестиции во напредните производствени сектори на државава.

– Кампањата има цел да поддржи создавање одржливи работни места, да ѝ помогне на земјата подобро да се интегрира во глобалните синџири на вредности и да се поттикне економскиот раст. Согласно договорот, МФК ќе ѝ даде поддршка на Владата на Северна Македонија да избере потенцијални сектори, да ги утврди компаниите што нудат можности за инвестирање и да направи материјали за кампања за привлекување на инвеститори, соопшти денеска МФК.

Кампањата која ќе трае до крајот на 2020 година, е дел од програма што ја спроведува МФК во партнерство со Европската Унија за охрабрување на инвестициите и за прекугранична трговија во Западен Балкан и во Југоисточна Европа. Таа иницијатива се надоврзува на програмата за подготовка на економиите на Западен Балкан за пристапување во ЕУ и за поддршка на економскиот развој во Југоисточна Европа, во вредност од 2,5 милиони евра.

Томас Лубек, регионален директор на МФК за Централна и Југоисточна Европа во пишана изјава истакнува дека информативната кампања има цел да ги поддржи силните напори на Северна Македонија за привлекување инвеститори во напредните производствени сектори.  – Привлекувањето квалитетни инвестиции ќе придонесе за отворање нови работни места и за поголема економска интеграција на земјата во регионот и на пазарот на ЕУ, вели Лубек.

Според директорот на ДТИРЗ, Александар Младеновски, треба да ги преиспитаме дејностите и инвестициите што можеме да ги привлечеме за да добиеме идеална комбинација на содржината на труд и капитал.

МФК, сестринската организација на Светска банка и членка на Групацијата Светска банка, е најголемата светска развојна институција што се фокусира на приватниот сектор на пазарите во развој.

Треба да знаете
Последни објави