Винона Рајдер во одбрана на Џони Деп, тврдењата на Амбер Херд за семејно насилство ги нарече невистинити

Џони Деп доби морална и правна поддршка од старата љубов во судскиот процес за клевета што тој го иницираше против поранешната сопруга Амбер Херд, која се опиша себеси како жртва на семејно насилство во едно интервју за „Вашингтон пост“.

Винона Рајдер, која беше верена со Деп за време на нивната четиригодишна врска, дојде во судот во Вирџинија во одбрана на ѕвездата на „Пиратите од Карибите“. Винона до судот достави  изјава во која тврди дека е тешко да се поверува дека Деп некогаш сторил кривично дело „семејно насилство“.

„Не сакам никого да наречам лажливец, меѓутоа, врз основа на моето лично искуство со Џони, невозможно е да се поверува дека ваквите грозни обвинувања се вистинити,“ стои во нејзината изјава за судот цитирана од таблоидот The Blast. „Сметам дека е таквите наводи се крајно вознемирувачки бидејќи многу добро го познавам.“

Во март 2019 година, Деп поднесе тужба за клевета во износ од 50 милиони американски долари против неговата поранешна сопруга Амбер за статија што таа ја напиша за „Вашингтон пост“ во декември 2018 година, во која тврди дека била злоставувана од Деп.

Деп во тужбата за клевета тврди дека всушност Херд е таа која физички го злоставувала во текот на бракот, а не обратно.

Во спорот тежок 50 милиони долари, адвокатот на Деп достави до судот нови документи во кои тој тврди дека Херд прикажала лажни модринки во текот на интервјуто.

Во воведната изјава на Рајдер, таа дава кратка историја на нејзината врска со Деп, која започна кога првпат се запознале во 1989 година. Една година потоа, Винона и Џони глумеа заедно во филмот Edward Scissorhands („Едвард со рацете-ножици“).

„Го познавам Џони многу години. Бевме заедно како двојка четири години и го сметав за најдобар пријател, и близок како семејство. Нашата врска ја сметам како една од позначајните врски во мојот живот. Свесна сум дека е многу важно да зборувам од моето лично искуство,“ изјави ѕвездата на Stranger Things.

И на крајот, таа ги искоментира наводите на Хард за семејно насилство за време на двегодишниот брак со Деп.

„Очигледно не бев таму за време на неговиот брак со Амбер, но, според моето искуство, кое што е дијаметрално различно, јас бев апсолутно шокирана, збунета и вознемирена кога ги слушнав обвиненијата против него“.

Рајдер тврди дека човекот што го познавала за време на нивната романса не бил никогаш насилен кон неа или кон некој друг.

 

Треба да знаете
Последни објави