Седум граѓански велосипедски организации од 7 градови во државата (Скопје, Битола, Прилеп, Гостивар, Тетово, Штип, Кочани) денеска испратија барање до политичките партии кои ќе учествуваат на изборите на 12 април за вклучување на визија и стратегија во нивната изборна програма за унапредување на велосипедскиот сообраќај во земја која важи за една со најнебезбеден моторен сообраќај во Европа, како и една од тие со најмногу жртви по глава на жител.
Дописот до партиите содржи 9 клучни барања кои организациите изминатите недели интензивно ги комуницираа во јавноста преку нивната кампања „Црвени велолинии“, а за кои тие сметаат дека е исклучително важно да бидат вметнати во изборните програми како ветување и обврзување за искрени, сериозни и посветени заложби за подобрување и ублажување на овој проблем на национално ниво.
Ова се барањата:
1. ДОНЕСУВАЊЕ ПРАВИЛНИК ЗА ПРОЕКТИРАЊЕ И ИЗГРАДБА НА ВЕЛОСИПЕДСКА ИНФРАСТРУКТУРА
Стандарди за велосипедска инфрастуктура на кои ќе може да се повикаат сите општини (во моментот постојат само за автомобили, но не и за велосипеди), стандарди кои ќе создадат безбедни, одржливи и мултимодални улици за 21-ви век, без импровизации.
2. ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ЗА СИТЕ ПОГОЛЕМИ НАСЕЛЕНИ МЕСТА И НАЦИОНАЛЕН ФОНД ЗА ПОДДРШКА
Секое поголемо населено место мора да има план за унапредување на велосипедскиот сообраќај, но и посебен задолжителен буџет наменет за тоа. Владата да формира Фонд за финансиска и стручна поддршка.
3. МЕЃУГРАДСКИ ВЕЛОСИПЕДСКИ СООБРАЌАЈ И ВЕЛОСИПЕДСКИ ТУРИЗАМ
Уредување на велосипедски патеки со транспортна и туристичка функција помеѓу населени места и кон места кои имаат потенцијал за развој на туризмот, како и поврзување со соседните земји со безбедни велорути (Еуровело рутите и дополнителни).
4. МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ ДА ОВОЗМОЖАТ ПРЕВОЗ НА ТОЧАЦИ ВО ВОЗ
Како држава која претендира да биде членка на ЕУ, треба да се усогласиме со европските пракси, наскоро и обврски, по заложбите на Европската велосипедска федерација (ECF), која налага обезбедување на минимум 8 места за велосипеди во возовите кои оперираат на европско ниво, наместо забраната од Македонски железници.
5. ВИЗИЈА ЗА НУЛА ЖРТВИ ВО СООБРАЌАЈОТ
Прифаќање и признавање на системска, а не само индивидуална одговорност за (не)безбедноста и жртвите во сообраќајот, и спроведување на низа поврзани и осмислени мерки за достигнување на нула жртви (Vision Zero), концепт кој го спроведуваат сè повеќе држави и градови.
6. ОСЛОБОДЕНИ ТРОТОАРИ, ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ, ЈАВНИ ПОВРШИНИ
Спроведување на порестриктивна политика против окупирање на јавни површини и патеки на движење, наместо досегашната пракса на толерирање, како и формирање на комунална полиција, со цел овозможување на правото на слободно движење и создавање квалитетен јавен простор.
7. ЗАДОЛЖИТЕЛНИ ПАРКИНЗИ ЗА ВЕЛОСИПЕДИ ВО СТАНБЕНИ, КОМЕРЦИЈАЛНИ, ЈАВНИ ОБЈЕКТИ
Да се пропише бројот и типот на задолжителен велосипедски паркинг за сите новоизградени објекти како мерка за стимулирање на велосипедот како превоз, а за веќе изградените објекти да се бараат решенија.
8. ВЕЛОСИПЕДОТ – ДЕЛ ОД ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС
Задолжителна теоретска настава за сообраќај и практично образование за управување со велосипед во училиштата. Мобилни училишни и трајни градски велополигони за децата и создавање вешти и одговорни учесници во сообраќајот на велосипед. Осовременување на програмата за автошколите за поодговорни идни возачи.
9. ЕДЕН ДЕН МЕСЕЧНО – ДЕН БЕЗ АВТОМОБИЛИ ВО ЦЕЛА ДРЖАВА
Денот без автомобили да не е само инцидентна парада, туку да ја рефлектира неговата поента во вистинска смисла на зборот, за граѓаните да бидат свесни за бенефитите од не-автомобилскиот превоз. Власта да покаже искрена заложба за јавното здравје во реализацијата и успешноста на овие денови.
Важноста на овие барања се потврдува и во фактичката состојба со безбедноста на сообраќајот во нашата земја, каде што Македонија е една од државите со најнебезбеден сообраќај во Европа, а познато е дека дизајнот на инфраструктурата е примарен фактор за безбедноста; стандардите и нормативите за планирање и проектирање на сообраќај се целосно автоцентрични и непроменети половина век. Немаме никакви стандарди за велосипедска и пешачка инфраструктура, а правилниците го фаворизираат автомобилот и големите брзини, наместо безбедноста. Дополнително, јавниот простор во нашите градови е целосно преплавен со автомобили. Правото на слободно движење на пешаците, луѓето со велосипед, луѓето со количка, родителите со деца во колички, сите граѓани е оневозможено, дури и загрозен им е животот, а граѓаните се изложени на големо загадување од штетни гасови, тврди честички и бучава кои потекнуваат од обемниот и брз автомобилски сообраќај
Поради тоа, овие барања треба да се сфатат сериозно и да се постапи по нив во најбрз можен рок, без одложувања, а не да останат само на ниво на ветување, туку и да се имплементираат на национално ниво и како дел од системска стратегија.
Организациите ветуваат дека ќе ги следат будно програмите на партиите во делот на ова прашање, но и истовремено ќе продолжат кон информирање на граѓаните за нивните 9 клучни барања.