Најновите податоци на Министерството за здравство на Србија говорат дека новиот коронавирус во Србија е потврден кај уште 7 лица, така што вкупниот број на пациенти е 31, пишува Телеграф.рс.
„Од последниот извештај на 12 март од 18 часот до 13 март во 8 часот наутро, тестирани се примероци од 29 лица од кои 7 се позитивни, додека 22 се негативни на новиот коронавирус“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Од потврдените 7 нови, 4 биле во домашна изолација заради лесна клиничка слика, а тројца биле задржани на болничко лекување.
„Немаат компликации и нивниот здравствен статус е стабилен“, изјавија од министерството.
Српската влада вчера забрани јавни собири во затворени простории со повеќе од 100 лица. Исто така, граничните премини кон Босна и Херцеговина ќе бидат затворени денес.