Фон дер Лајен: Пандемијата на коронавирусот е тест за луѓето и економијата

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека пандемијата на коронавирусот претставува „тест за луѓето и економијата” и оцени дека ЕУ ќе издржи таков „шок” под услов да е „одлучна, координирана и обединета”.

– Сите земји-членки треба да знаат дека не е можно да се запре вирусот, но она што е најважно е тој да се забави и да се даде време и место на нашите здравствени системи да се грижат за пациентите, рече Фон дер Лајен во вонредното обраќање во Брисел.

Таа, исто така, истакна серија мерки преземени од ЕУ и земјите-членки како одговор на здравствените и економските аспекти на пандемијата Ковид-19 и ја истакна важноста од придржување кон насоките дадени од научниците и експертите од областа на медицината, како и координацијата на ниво на ЕУ.

Урсула фон дер Лајен додаде дека постои заеднички пристап во рамки на ЕУ за снабдување медицинска опрема и управување со границите.

– Единствениот пазар на ЕУ мора да функционира. Кога земјите-членки еднострано преземаат акции, тоа на крајот води до воведување внатрешни граници во време кога солидарноста е најважна. Јас сум задоволна што можам да објавам дека земјите-членки се согласија да ги усогласат своите национални мерки во согласност со барањата на ЕУ, рече шефицата на ЕК.

Претседателката на Еврокомисијата дополни дека „секој сака да ги заштити своите граѓани од ширењето на вирусот”, но исто така предупреди дека секоја мерка мора да биде пропорционална.

– Некои контроли се оправдани, но општата забрана за патување има силен социјален и економски ефект. Треба да продолжиме со медицинско скенирање за границите и во рамки на државите членки, а ЕУ ќе излезе со единствен водич за тоа, најави Фон дер Лајен.

Во однос на економските аспекти на пандемијата Ковид-19, во Брисел потенцираат дека станува збор за „шок за глобалната и за економијата на ЕУ”.

– Шокот е привремен, но заедно мора да се осигураме дека ѓе биде што е можно пократок и колку што е можно помал, рече Урсула фон дер Лајен.

Со цел да одговори што е можно поефикасно и поодлучно и да му помогне на економскиот сектор да се справи со ефектите од пандемијата, ЕУ воведе флексибилни правила за дистрибуција на државна помош и употреба на Пактот за стабилност и развој.

– Со цел да се обезбеди ликвидност на економијата, Комисијата предложи воспоставување иницијатива за одговор на коронавирусот во инвестиции од 37 милијарди евра, што ќе ги опфати областите на здравството, пазарот на трудот, малите и средните претпријатија, истакна Фон дер Лајен.

Таа додава дека дополнителни средства ќе се повлечат и од постојниот буџет на ЕУ и дека Инвестицискиот фонд на ЕУ веќе гарантира заем од осум милијарди евра за околу 100.000 бизниси ширум ЕУ.

– Ова е важен економски пакет, но ситуацијата брзо се менува. Ние ќе продолжиме да правиме се што е потребно за да и помогнеме на економијата, заклучи претседателката на Европската комисија.

Треба да знаете
Последни објави