Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, и фудбалерот на Јувентус, Пауло Дибала се најновите имиња во европскиот фудбал кои заболеа од коронавирусот. Стратегот на „топчиите“ вечерва е потврден и од клубот како позитивен на Covid-19 и веднаш е испратен во изолација, а неговата здравствена состојба ќе биде следена од лекарскиот тим. Позитивен е и Бенјамин Менди од Манчестер Сити, како и фудбалери од Лестер.
Тимот на Арсенал имаше близок контакт со сопственикот на Олимпијакос, Евангелос Маринакис, кој исто така е заболен од коронавирусот. Артета е најново име од Премиер-лигата кој е позитивен на вирусот кој го покорува светот, но и понатаму нема официјална одлука дека елитниот англиски фудбал ќе биде стопиран, туку напротив, натпреварите од Премиер – лигата ќе продолжат и претстојниот викенд.
Аргентинскиот интернационалец Пауло Дибала е најновиот фудбалер од Серија А чиј тест на коронавирусот е позитивен. Тој е вториот фудбалер од Јувентус по Даниеле Ругани, а сите останати се во карантин. Засега клубот официјално не ја потврдува оваа информација, а во Италија се чекаат тестови од уште 121 лице кое се наоѓа во изолација.