Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ продолжуваат со несериозното и загрижувачко однесување во врска со ситуацијата со коронавирусот. Последен предлог што го понуди Мицкоски е да се прогласи кризна состојба, што во превод може да значи и одложување на парламентарните избори закажани за 12-ти април. Дали со ваквата непромислена изјава Мицкоски има за цел токму тоа, да не се одржат изборите?
Опозициската партија во последните денови не демонстрираше конзистентна политика во врска со коронавирусот и постојано пропагира дволично дејствување, како и за многу други прашања претходно. Имено, ВМРО ДПМНЕ прво најавуваше кривична пријава за министерот за здравство, Венко Филипче, од причини познати само ним.
Потоа, нивни преставници, како Игор Јанушев на пример, се закануваа во телевизиски емисии дека власта ќе одговара затоа што навреме не презела соодветни мерки за заштита од вирусот. Таквиот наратив деновиве упорно се користи од страна на ВМРО ДПМНЕ, но целта им е очигледна, во неможност да го поднесат она што навистина го преземаат институциите, тие играат на опасна карта – шират непотребна паника, ги заплашуваат граѓаните и сакаат да креираат слика дека здравствениот систем не функционира. И сето тоа во правец да се одложат изборите.
Сега како главна преокупација на ВМРО ДПМНЕ да им се изборите, иако до скоро не се откажуваа од тезата дека СДСМ бега од избори за да биде поразен. Дволичноста е во тоа што и есента ВМРО ДПМНЕ тврдеше дека СДСМ бега од избори, иако власта предложи брзи избори во декември, минатата година. И на почетокот на годината, во пресрет на гласањето на важните законски решенија во парлементот, пред се Законот за јавно обвинителство, опозицијата пак тврдеше дека власта го натрупала Собранието со закони за да се одложат изборите, иако СДСМ успеа да ги истурка позначајните закони и на време да распише избори.
Тоа е тактиката на Мицкоски, едно зборува во јавноста, друго прави во праксата, ама таа негова лицемерна политика веќе е препознаена од граѓаните. Зборува како СДСМ цело време бега од избори, а во реалноста ВМРО ДПМНЕ прави се да нема избори. За таква може да се толкува и последната изјава на Мицкоски за прогласување кризна состојба.
Периодов сите здравствени капацитети се фокусирани на заштитата од коронавирусот, и етички и политички, не е време за неосновани критики, кои дополнително ќе го вознемират народот. Конечно, ВМРО ДПМНЕ се освести од грешките и од непримерните изјави периодов, па денеска излезе со предлог мерки како да се заштити населението. Секако, никогаш не е доцна ако имате што паметно да предложите, но сето ова можеше да се дискутира од претходно, за да се сфати сериозноста на намерата на ВМРО ДПМНЕ, вака, изјавата на Мицкоски изгледа само како продолжение на обидите за политички профит, во надеж дека ќе нема избори.