Епидемијата со Ковид – 19 или корона вирусот во Македонија се шири, а за тоа најголема вина има неспособноста и неодговорноста на министерот за здравство Венко Филипче. Филипче со прикривање на информации и ненавремено реагирање довел до опасност на неконтролирано ширење на вирусот.
Зошто го велам сето ова?
Според нашите информации, а лесно можат да се потврдат во министерството за здравство, директорката на кожната клиника, Нина Цаца Биљановска, се вратила од својот одмор во загрозеното подрачје на Северот на Италија на први март на ден недела.
Веќе следниот ден директорката била присутна на работа, без претходно никаква контрола на граничните премини од каде што влегла.
Истиот ден на втори март доктор од кожната клиника се јавил во кол центарот на министерството за здравство за да го пријави нејзиното доаѓање од кризно подрачје и да побара реакција од институцијата.
Следниот ден на трети март директорката веќе била известена дека е пријавена во министерството од нејзини колеги. И таа утринскиот колегиум го искористила за да се заканува кон докторите од клиниката дека ќе бидат избркани од работа.
Се поставува прашањето, кој и дојавил на директорката дека е пријавена во кол центарот?
Да биде скандалот уште поголем, докторите од кожната клиника после ваквиот испад на директорката Цаца Биљановска, истиот ден директно го известиле и министерот Филипче, за заканите кои што ги добивале, но и за сомнежот дека директорката може да биде носител на опасниот вирус.
Тоа значи дека Венко Филипче уште од трети март знаел за опасноста од ширење на опасниот вирус во една здравствена установа, во склоп на Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“.
И ништо не превземал!
Првата прес конференција на Филипче за овој случај е дури после 6 дена, на деветти март ден понеделник.
Тоа значи дека Филипче свесно дозволил директорката 6 дена да биде во контакт со нејзини колеги, вработени во клиниката, пациенти и да се појави и одржи свое обраќање на симпозиум во еден скопски ресторан на кои што присуствувале 100-тина доктори од Македонија но и од странство.
Скандалот да биде уште поголем, Клиниката за кожни болести во понеделникот на деветти март примаше дневни пациенти, додека директорката беше на испитување и веќе пренесена на клиниката за инфективни болести.
Резултат на оваа негрижа на Венко Филипче е над 160 медицински лица да бидат во самоизолација, цела една затворена клиника, над 20-тина пациенти од кожна клиника кои што биле пуштени на домашно лекување во самоизолација и уште стотици и стотици луѓе со кои директорката била во директна комуникација.
Од тука и директна одговорност за ваквата состојба сноси министерот Венко Филипче.