Нашата црква никогаш не застана против науката и никогаш не се обидела да ја замени. Но, ниту науката никогаш не се обиде да ја замени црквата во прашања на верата, вели грчкиот Архиепископ Јеронимос во писмената изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА во врска со коронавирусот и додава дека црквата нема ниту мерач на верба, ниту регистрира присутност , јави дописничката на МИА од Атина.
-Нашата црква, ги прифаќа сите, сите ги сака и за сите се моли. Ниту има мерач на верба ниту нашите свештени лица ги регистрираат присутните во Светите Храмови. Православните христијани живеат и делуваат во дух на слобода на индивидуата, а истовремено имаат развиено чувство за националната и индивидуална одговорност. А, за нашата Црква, очигледно е дека оние кои, човечки, се загрижени и се плашат и кои припаѓаат на ранливите групи на населението, се исто толку верни Христијани како и сите останати, вели Јеронимос за АНА-МПА.
Неговата изјава доаѓа откако во Грција се отвори голема дискусија околу тоа дали во период на пандемија на коронавирусот, верниците треба или не треба да се причестуваат.
Светиот синод на Грчката православна црква во понеделникот излезе со соопштение во кое вели дека „причестувањето не може да биде причина за пренесување на болести”, додека пак премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис во неговото обраќање до јавноста во средата, порача дека „она што важи за јавните собири важи и за црквите”.