Првиот столб на новата програма на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за следниот 4 годишен мандат е економијата.
Наша цел е да создадеме амбиент за динамичен и конкурентен бизнис, ослободен од политички влијанија, намалување на административните процедури и бариери и
целосно искористување на претприемачкиот дух и знаења на домашниот човечки капитал.
Ја зајакнуваме директната поддршка на македонските компании со низа конкретни мерки за микро и малите компании да станат средни, средните големи и да генерираат приход на конкурентниот, заеднички европски пазар.
Во наредните 4 години обезбедуваме директна подршка на домашните и странски инвестиции во износ од 300 милиони евра, како и директна алокација на очекуваните 300 милиони евра од европските фондови за поддршка на македонските економски потреби.
Нудиме директна поддршка на македонските извозници со авансно финансирање на технолошките и на иновативните потреби во функција на извозот во висина од 10% до 15% на проектираната инвестиција.
Ќе ја докапитализираме Развојната банка на Северна Македонија и ќе овозможиме јасни, мерливи и ефективни инструменти за финансирање на извозните потреби на компаниите, односно директно финансирање на извозот и зголемување на неговиот обем и конкурентност на македонските производи и услуги.
Ќе донесеме Нов Закон за царинска тарифа за елиминирање и намалување на царинските тарифи и прилагодување со тарифите на Европската Унија.
Ќе овозможиме основање на фирма со минимален износ на основна главнина од 1 евро, ќе ја укинеме фирмарината за првите две години за сите новоосновани .
Укинуваме и драстично ги намалуваме трошоците за добивање правна документација за потребите на бизнисот, а Централниот регистар на новите фирми задолжително ќе им издава „Информатор” со сите битни информации за водење бизнис.
Понудуваме стратегии за директна поддршка на женското претприемништво, како и на младинското претприемништво преку форма на грантови во висина од 5 000 до 15 000 евра за почеток на сопствен и нов бизнис.
Го промовираме проектот „Ѕвезда плус” , со кој ќе овозможиме државни субвенции во висина од 50% од инвестицијата за секој регистриран угостителски капацитет што има намера да добие еден степен повисока категоризација на неговиот објект, во сите клучни туристички места.
Ќе овозможиме хоризонтална поврзаност на сите даночни сметки – можност за пребивање на различни типови даноци за правните лица, а во Законот за финансиска дисциплина ќе ги вклучиме и државните и владините институции и ќе ги изедначиме со обврските на приватниот сектор.
Донесувме нов Закон за е-трговија за регулирање на бизнисот и сузбивање на нелојалната конкуренција и даночната евазија.
Ќе иницираме и ќе создадеме услови за развивање на ризичниот капитал како висококвалитетен извор на финансирање и советување, со донесување посебен закон за бизнис ангели и со измени на Законот за инвестициски фондови, со што значително ќе ги намалиме ограничувањата за основање инвестициски фондови.
Истовремено ќе ја зајакнеме борбата против нелојалната конкуренција и заштита на регистрираните вршители на дејност.
Почитувани, ова се само дел од мерките на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија кои обезбедуваат поволна бизнис клима, носат нови работни места и повисок животен стандард.
Продолжуваме во наредниот мандат, но сега уште повеќе и уште подобро!