Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци во координација со увидна екипа од Министерството за внатрешни работи изврши увид на местото каде денеска се случи тешка сообраќајна несреќа во која животот го загуби едно лице.
-Попладнево околу 12.45 часот на крстосница во Кавадарци се судриле мотор „Јамаха“ и џип „Форд“ со битолски регистарски ознаки. Според првичните сознанија до сообраќајната несреќа дошло откако во џипот кој вртел лево на крстосница од булеварот, удрил моторот кој доаѓал од спротивниот правец. Од силината на ударот со тешки телесни повреди се здобиле возачот и сопатникот на моторот кои итно биле пренесени на скопските клиники. Како последица од повредите, возачот на моторот на возраст од 26 години го загубил животот, а неговиот сопатник , 29 – годишен кавадарец е во критична здравствена состојба, велат од ОЈО.
Јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување и прибирање траги од лице место и наредба за обдукција на починатото лице. Во насока на расчистување на настанот ќе биде извршено и сообраќајно-техничко вештачење.