МВР: Доставата на прехрамбени производи, медикаменти во Дебар и Центар Жупа ќе се врши единствено од 8 до 14 часот

Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста и економските субјекти дека достава на прехрамбени производи, медикаменти и останати потребни стоки на подрачјето каде што е прогласена кризна состојба (општините Дебар и Центар Жупа) ќе се врши единствено во периодот од 08 00 до 14 00 часот.

Заради продолжување со работа на индустрискиот капацитет Кнауф Радика Дебар овозможен е безбеден проток на возилата со кои се врши транспорт на ресурси и стока во подрачјето каде што е прогласена кризна состојба. Возилата со кои се врши дотур на стока и возилата на компанијата Кнауф се упатуваат кон безбедносниот пункт во правец на ХЕЦ Шпиље и ХЕЦ Глобочица или безбедносниот пункт преку Бошков Мост, од каде само со полициска придружба се упатува кон територијата на кризното подрачје.

Истоварот на стоката ќе го вршат исклучиво лица кои што се веќе во подрачјето каде е прогласена кризна состојба, а на возачот на возилото или негов сопатник нема да му биде дозволено напуштање на возилото.

По истоварот на стоката, возилото исто така со полициска придружба се враќа кон еден од безбедносните пунктови, каде по извршената дезинфекција му се дозволува слободно движење надвор од територијата на која е прогласена кризна состојба. Во интерес на зачувување на здравјето на граѓаните, сите граѓани задолжително да се придружуваат кон овие насоки за постапување.

Треба да знаете
Последни објави