Филипче: Се затвораат моловите, кафулињата и обложувачниците

Со одлука на Владата се затвораат сите гранични копнени премини во Северна Македонија, освен Табановце, Деве Баир, Ќафасан и Блаце, кои ќе бидат отворени за премин на патници и возила. Да прекине со работа аеродромот Свети Апостол Павле во Охрид, односно да се затвори овој граничен премин после 48 часа од донесувањето на оваа мерка. Да се забрани влез на странски државјани и од земјите со среден ризик, освен оние од земјите со висок ризик според листата на СЗО,  рече Филипче.

Тој додаде дека на владината седница е донесена одлука да се затворат сите продавници во моловите, освен супермаркетите, продавниците за храна и аптеките.

-Се забранува целосно работата на кафетерии, барови, клубови, казина и спортски обложувалници. Сите угостителски објекти кои подготвуваат храна и продаваат храна може да работат, но без посетители, и да остваруваат продажба на алтернативен начин, односно да вршат продажба онлајн и достава надвор од угостителскиот објект (на врата на објектот), истакна министерот Филипче.

Тој посочи дека со седење дома се помага да се зачува јавното здравје и да се стави рампа на патот на ширење на овој вирус.

-Ние сме во фаза каде што не знаеме што можеме да очекуваме, добро е што имаме едно место на локална трансмисија. Многу земји во регионот очекуваат пикот да го имаат на крајот на март или на почеток април, рече Филипче и додаде дека сите капацитети се спремни.

Министерот Филипче истакна дека респираторните машини во моментов не се проблем и дека има доволно.

Сите наши држаавјани кои доажаат од земји со висок и среден ризик ќе мора да потпишат изјава дека ќе се стават во самоизолација.

Владата, во врска со потребата од преземање нови дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на Коронавирусот COVID-19 и согласно предлозите изнесени во расправата на седницата, Владата ги усвои следниве заклучоци:

  1. Владата формира Главен координативен кризен штаб, со кој ќе раководи претседателот на Владата на Република Северна Македонија и во состав од сите заменици на претседателот на Владата, министерот за здравство, министерот за одбрана, министерот за внатрешни работи, министерот за транспорт и врски, министерот за финансии, министерот за образование и наука, министерот за надворешни работи, директорот на Центарот за управување со кризи и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, со цел целосната координација да се врши во ова тело.

По потреба, во зависност од ситуацијата, во работата на Главниот координативен кризен штаб може да се вклучат и други надлежни институции и стручни лица.

Главниот координативен кризен штаб да се состанува на дневна основа, претпладне, во просториите на Владата на Република Северна Македонија, веднаш по одржување на состанокот на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

  1. Да се затворат сите копнени гранични премини во Република Северна Македонија, освен граничните премини Табановце, Деве Баир, Ќафасан, Богородица и Блаце кои да бидат отворени за премин на патници и возила.
  2. Да прекине со работа аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, односно да се затвори граничниот премини на овој аеродром, по 48 часа од донесувањето на оваа наредена мерка.
  3. Да се забрани влез на територија на Република Северна Македонија на странски државјани и од земјите со среден ризик согласно Листата на Светска здравствена организација објавена на веб страницата на Министерството за здравство, освен за оние лица за кои Министерството за внатрешни работи ќе даде дозвола по мислење од Главниот координативен кризен штаб кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес. Овие лица да влезат во нашата држава под посебни услови и заштита согласно протоколот на Министерството за здравство.
  4. Да се затворат за посетители сите продавници во молови на територијата на Република Северна Македонија, освен супермаркети, продавници за храна и аптеки.

Сите останати правни лица можат да работат и да остваруваат продажба на алтернативен начин (преку онлајн нарачки, телефонски нарачки и сл) и да вршат достава на нарачките.

  1. Се забранува целосно работата на кафетерии, барови, клубови, казина и спортските обложувалници.
  2. Сите угостителски објекти кои вршат  подготовка и продажба на храна можат да работат, без посета на потрошувачи (гости) и да остваруваат продажба на алтернативен начин (преку онлајн нарачки, телефонски нарачки и сл.) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект (преку штанд, пулт и сл.).

Согласно овие мерки, Владата донесе Одлука за дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19.

  1. Се задолжува Министерството за здравство, на секој наш државјанин кој влегува на граничните премини во Република Северна Македонија, а патува од високо ризични или средно ризични земји, при влез, на граничниот премин да му издаде писмена наредба за спроведување задолжителна самоизолација и истиот да потпише писмена изјава под полна морална, материјална и кривична одговорност дека ќе изврши самоизолација во која ќе ги наведе своите лични генералии,  со податоци за адресата и местото на престој за време на самоизолација.
  2. Се задолжува Секретаријатот за европски прашања, да подготви и итно до Владата да достави компаративна анализа за сите преземени мерки и начинот на нивното спроведување во земјите со висок и среден ризик.
  3. Се задолжува Министерството за финансии – Царинска управа, во соработка со Министерството за економија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за надворешни работи, итно да формира работна група, со цел до понеделник да подготви информација/предлог за увоз-извоз на прехранбени продукти.
  4. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ја извести јавноста и економските субјекти дека достава на прехранбени производи, медикаменти и останати потребни стоки на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа каде постои кризна состојба ќе се врши единствено во периодот од 8:00 до 14:00 часот.

Заради продолжување со работа на индустрискиот капацитет Кнауф Радика Дебар ќе биде овозможен безбеден проток на возилата со кои се врши транспорт на ресурси и стока во подрачјата каде што постои кризна состојба. Возилата со кои се врши дотур на стока и возилата на компанијата Кнауф ќе се упатуваат кон безбедносниот пунк во правец на ХЕЦ Шпиље и ХЕЦ Глобочица или безбедносниот пункт преку Бошков Мост, од каде само со полициска придружба ќе се упатува кон територијата на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа каде постои кризна состојба. Истоварот на стоката ќе го вршат исклучиво лица кои се веќе во подрачјето каде е прогласена кризна состојба, а на возачот на возилото или негов сопатник нема да му биде дозволено напуштање на возилото. По истоварот на стоката, возилото исто така со полициска придружба ќе се враќа кон еден од безбедносните пунктови каде по извршената дезинфекција ќе му се  дозволува слободно движење надвор од територијата на која е прогласена кризна состојба.

  1. Се задолжува Секторот за односи со јавност на Владата на Република Северна Македонија овие заклучоци, мерки и препораки веднаш да ги објави на веб страницата на Владата и истите да ги достави до сите пишани и електронски медиуми, со цел редовно информирање на граѓаните.
Треба да знаете
Последни објави