Продолжуваме со длабоки реформи во правосудството, ефикасно прочистување на судии и обвинители

Прес- конференција, Соња Мираковска од коалицијата „Можеме”

Коалицијата „Можеме” носи ред, дисциплина и правда!
 
Правдата ја гарантира слободата и затоа нема веќе одложување. Правосудството мора да се прочисти од корумпираните судии и обвинители.
Изминатиот период ги отстранивме сите стеги на заробената држава. Промените во правосудството продолжуваат со спроведување на длабоки реформи. Со јакнење на капацитетите на институциите, процесот на избор на судии и обвинители заснован на закон и Устав овозможуваме доследна борба со криминалот во државата.
Во новиот мандат ќе имаме обвинители кои ја штитат правната држава, судии кои судат според законите и начелото на правда, судство кое покажува дека правдата е достижна, а неказнивоста поразена.
Во наредните четири години ќе обезбедиме ефикасно и објективно „прочистување” на судиите и обвинителите. Ќе обезбедиме ЕУ мониторинг на судските предмети на висока корупција.
Објавувањето и јавниот пристап до аудио снимките од сите судења за висока корупција и организиран криминал, ќе биде обврзувачко со Закон, а јавното обвинителство редовно и континуирано ќе ја информира јавноста за својата работа и напредокот во предметите.
Ќе донесеме Закон за управување со движењето на предметите во ЈО  – своевиден АКМИС во јавните обвинителства, со кој ќе биде јасно каде завршува секоја кривична пријава, бидејќи граѓаните ја губат вербата во системот кога постојано слушаат за кривични пријави и истраги за одредени кривични поведенија, а потоа не гледаат никаков резултат.
Злоупотребите на АКМИС-от во минатото ќе завршат со јасна одговорност на починителите, и системот навистина ќе донесе чесност, независност и правда.
Ќе ставиме крај на злоупотребите на системот на судии-поротници, а со Законот за Академија за судии и јавни обвинители  ќе се ревидира начинот на селекција и полагање на кандидатите.
Воведуваме сигурен систем на електронски алки за лица во куќен притвор и оние со изречена казна куќен затвор, како и спречување на нивно бегство од државата. Следува ревизија на 5 отсто од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор.
Со закон ќе ги укинеме правните последици и ќе обезбедиме обесштетување на жртвите на незаконската лустрација со преиспитување на судските одлуки кои беа донесени врз основа на политички диктат.
Ќе ја намалиме судската такса за да ја направиме правдата достапна за граѓаните и ќе ги зголемиме средствата за судската власт.
Со транспарентна работа ќе се справиме со криминалот и корупцијата, но и со недовербата што ја имаат граѓаните кон правната држава.
Почитувани,
Ние создаваме систем на правда кој ги штити слободите и правата и заедничкиот систем на вредности. Докажавме дека можеме.
Најголем успех во оваа сфера е донесувањето на Законот за јавното обвинителство со кој се обезбеди сериозна реформа во обвинителството и правна разрешница на случаите на злоупотреба и корупција експонирани во „бомбите”.
Донесени се важни измени на Законот за судовите, кои овозможуваат разрешување на судиите ако ги одолговлекуваат постапките, како и нов Закон за Судскиот совет, кој предвидува транспарентна и ефикасна постапка за именување и разрешување на судии.
Воедно, се предвиде и еден вид на „мек ветинг” во судството со надлежност на ДКСК да ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители.
Донесовме нов Закон за управните спорови со кој граѓаните ќе бидат заштитени од „пинг-понг” правдата, која со години ја практикуваа овие судови.
Буџетот за бесплатна правна помош за 2020 година е зголемен за 50% во споредба со 2016 година, а глобите се неколкукратно намалени со цел да одговараат на општествената реалност и економската моќ на граѓаните и стопанството.
Сериозно ја намаливме тарифата на извршителите, ги намаливме нотарските трошоци, како и процентот на присилно извршување врз плати и пензии од 1/3 на 1/5.
Обезбедивме буџетски средства за реконструкција на дванаесет јавни обвинителства низ земјата.
Сите овие чекори го подготвија системот за функционирање на правната држава без упади, партиски нарачки и заборавена одговорност.
Ние Можеме – уште повеќе и уште подобро!
Треба да знаете
Последни објави