Состојбата со заболени лица од коронавирусот во земјава може да се следи на апликацијата http://gdisk.maps.arcgis.com/apps/opsdashboard/index.html#/2096bd4b051b42948ac3f5747e80c3a5, која компанијата ГДи Скопје ја прилагоди за потребите на нашите граѓани.
Покажувајќи општествена одговорност, компанијата, на едно место, ги регистрира сите случаи на заболени лица од коронавирусот во земјава и на тој начин, настојува да ги алармира граѓаните за кризните подрачја и носење вистински одлуки.
Според генералниот директор на ГДи Скопје, Дејан Крстевски оваа апликација ја имаат и другите држави во регионот, каде податоците се ажурираат согласно известувањата на институциите и на светските статистики.
-Во овие моменти на криза, сакаме да помогнеме на населението и на институциите вистински и во реално време, да ја следат состојбата со развојот на вирусот во Македонија. Кога ќе се уредат сите просторни податоци на едно место, полесно е да се избегне кризата и да се донесат вистински одлуки. Овозможува едноставен и прегледен приказ во служба на информирање на јавноста, но пред се е корисна алатка за оние кои носат одлуки и мерки за сузбивање на вирусот. Затоа што животот во доба на коронавирусот, всушност, е живот во криза, вели Крстевски.
Географски информациони системи (ГИС) се начини за организирање, презентирање и анализирање на просторни и географски податоци. ESRI е водечка организација во областа на географијата и давател на ГИС ресурси.