Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија информира дека со сите свои ресурси и напори, преку дипломатско-конзуларните претставништва во Љубљана и Загреб, се обидува да обезбеди што поскоро транзитирање преку словенечка и хрватска територија и безбедно враќање дома на сите наши превозници.
– Испративме и нота до словенечкото и хрватското МНР, со барање за што поскоро вклучување на македонските превозници (лесни возила, комбиња, автобуси и камиони) во следните планирани конвои од словенечка и хрватска страна. Во тој контекст, МНР Никола Димитров од утринските часови е во постојана комуникација со Министерството за надворешни работи на Словенија, кризниот штаб и амбасадорот Јазбец, се наведува во соопштението од МНР.
Во врска со застојот на македонските автопревозници на италијанско-словенечката граница, од МНР информираат дека вчера е обезбеден конвој за одреден број македонски превозници, кои беа придружувани од словенечката полиција и транзитираа преку словенечка територија на пат кон крајната дестинација – Република Северна Македонија.
Од Министерството за надворешни работи на Словенија и Словенечкиот кризен штаб известуваат дека најмалку 3.000 превозници чекаат на граничните премини на италијанско-словенечката граница и уверуваат дека постојано организираат конвои, внимавајќи на правично учество на превозниците од сите држави во регионот.