Бројот на жртвите од Ковид-19 во Грција се искачи на четири лица, откако рано утрово, 53-годишен маж почина во болницата во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчките медиуми, станува збор за лице кое работело во болницата во градот Касториа (Костур), во микробиолошката лабораторија и имал здравствени проблем.
Во понеделникот бил примен во болницата во Козани, во вторникот здравствената состојба се влошила, бил приклучен на апарати и со тешка пневмонија префрлан во болницата АХЕПА во Солун, каде што рано утрово почина.
Вчера беа потврдени два смртни случаи на коронавирусот во Грција, една лице на Закинтос и еден во градот Птолемаида, додека пак првата жртва беше потврдена во четвртокот во градот Патра.
Бројот на потврдени случаи на коронавирусот во Грција, заклучно со вчера попладне е 228 лица, од кои 57 се хоспитализирани.
Освен прекинување на патното, морското и авионското поврзување со Северна Македонија и Албанија, со исклучок на пренесување на стоки и влез во Грција за оние кои имаат грчко државјанство или живеат во земјата, на состанокот, исто така било одлучено да се прекине морскиот сообраќај со Италија, за патници, прекинување на авионското поврзување со Шпанија.
Дополнително, донесена е одлука дека ќе бидат изречени казни од 5.000 евра за оние граѓани кои демонстрираат антисоцијално однесување, прекршувајќи ги превентивните мерки.
Како што соопштија од кабинетот на Мицотакис, грчкиот премиер стапил во контакт со Архиепископот Јеронимос и побарал Светите Храмови да останат отворени само за индивидуални обреди и за извршување на неопходните обреди, но со минимален број граѓани.