Во Дебар и Центар Жупа, безбедносната состојба во изминатото деноноќие беше стабилна. Во текот на ноќта, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир, нема кражби или други имотни деликти. Полициски службеници, согласно оперативниот план, вршеа обиколка и контрола на угостителски и други јавни објекти во двете општини и приградските населби (маркети, ноќни клубови, фитнес салони, обложувалници), со цел доследно спроведување на мерките за спречување на внесување, ширење и за сузбивање на корона вирусот, што ги презема Владата.
На терен, со несмален интензитет се спроведуваат мерките за контрола на патнички и други моторни возила за влез во Дебар и Центар Жупа. Влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено оневозможен е, односно строго е забранет излез на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини. Без проблеми се одвива дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.
Упатуваме апел до сите граѓани на Дебар и Центар Жупа, но и до граѓаните на општините Струга, Охрид и Кичево, строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.