Спасовски: Ќе има казни за оние кои ќе допатуваат од странство, а нема да се самоизолираат

Претседателот на Владата и потпретседател на СДСМ, Оливер Спасовски вечерва испрати апел до сите граѓани, особено до оние кои патуваат кон Северна Македонија, со цел неговата порака да биде сфатена како смирувачка затоа што и негова, но и целта на Владата е што побрзо и поуспешно справување со опасноста од корона вирусот.
„Ги повикувам граѓаните сериозно да ги следат упатствата и препораките на надлежните, да бидат на висината на својата лична одговорност и да ни помогнат и нам, и на самите себе. Ние сме постојано активни со цел да помогнеме. На пример, денеска преку МНР сме во контакт да овозможиме непречен транспорт на конвој од Словенија да пристигне во Северна Македонија, наши граѓани се заглавени помеѓу хрватско- српската граница и очекуваат да им помогнеме да се вратат дома. Но, апелирам до таквите граѓани, кога ќе пристигнат на граница да кажат точно од каде патуваат и потоа да одат во самоизолација 14 дена. На петте гранични премини кои останаа отворени се потпишуваат изјави од страна на граѓаните дека ќе останат во самоизолација. Затоа апелирам до нив и до нивните семејства да го почитуваат ова. Секој што мора да биде во самоизолација мора тоа да го направи. Имаме полициски службеници кои ги следат постапките на таквите граѓани и предвидени се најстроги санкции за сите кои не се ставаат во самоизолација откако ќе допатуваат во државата. Уште еднаш ќе искажам огромна благодарност до полицијата, армијата, лекарите, медицинскиот персонал- тие деноноќно посветуваат време и знаење да ни помогнат.”- порача Спасовски во надеж дека неговите зборови ќе се сфатат сериозно, каква што е и самата ситуација со корона вирусот.

 

Треба да знаете
Последни објави