Во Хрватска се потврдени седум нови случаеви на коронавирус, со што вкупниот број на инфицирани лица се зголеми на 56, јави дописникот на МИА. Новозаразените се од Карловац, Риека и Загреб, соопштија од хрватскиот Штаб за цивилна заштита.
Поради можност дека се инфицирано со Ковид-19 во самоизолација се околу 9.000 луѓе. Во 14-дневен карантин се и Хрватите кои беа на работа во соседна Словенија.
Хрватската Влада презема радикални чекори со цел да се спречи ширењето на коронавирусот. Најсилни се мерките на Истра, бидејќи овој регион е најблиску до жариштето на заразата, односно Северна Италија.
Началникот на истарскиот Центар за цивилна заштита Дино Козловец, изјави дека веќе се затворени сите училишта, градинки, факултети, угостителски и услужни објекти.
– Луѓето ќе мораат да се придржуваат до само изолацијата. Казните за оние кои не ги почитуваат одлуките се од 8.000 до 120.000 куни, а можно е да завршат во затвор, изјави Козловец.