– Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина прогласи состојба на несреќа поради пандемичниот коронавирус, што е соодветна категорија на одговор на сегашната состојба и дозволува да се повлечат сите неопходни чекори во овој поглед, потврди денеска премиерот на ФБиХ, Фадил Новалиќ, по тематска седница на Владата во проширен состав.
На владината седница е донесена одлука за задржување на цени на одредени производи на нивото од 5 март, а покрената е и иницијатива кон Советот на министри на БиХ и парламентарното собрание на БиХ за измена на Законот за јавни набавки за да се осигура исклучок од примената при набавката медицинска опрема и средства за дезинфекција.
– Дадени се бројни препораки за работодавците, како што е овозможување на еден родител да отсуствува од работа бидејќи децата не одат на училиште. Ја поздравуваме одлуката на БХ Телеком да овозможи онлајн часовите да функционираат непречено, што е пример за тоа како работат општествено одговорни компании, рече Новалиќ.
Претседателката на Република Српска Жељка Цвијановиќ најави дека во тој ентитет ќе биде воведена вонредна состојба и тоа од денеска. Таа потенцираше дека се очекува носење на оваа одлука, која прво треба да ја изгласа Владата, а потоа и Парламентот на РС.
Досега, во цела Босна и Херцеговина се регистрирани 24 случаи на заразата, од кои 20 во РС, а четири во ФБиХ.