Во пресрет на утрешната средба кај претседателот Стево Пендаровски, попладнево претседателот на „Единствена Македонија“, Јанко Бачев, упати писмо до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ве повикувам утре да не одите на средбата кај Стево Пендаровски доколку Пендаровски остане на формат на средбата со две македонски и дури пет албански партии. Пендаровски е голем срам за Македонија и Македонците. Пендаровски заборавил во која држава живее со поканата кај него на гости да одите и за изборите да одлучуваат две македонски и дури пет албански партии на албанското малцинство.
Господине Мицкоски, ако сте Македонец од Македонија немојте да прифатите една ваква во основа длабоко понижувачка и навредлива лидерска средба со формат на две македонски и пет албански партии. За изборите, како исклучително значајно прашање решение треба да се бара според формулата за учество на сите политички субјекти – учесници на изборите и тоа од најмалку две причини, прво, учество на сите партии кои учествуваат на изборите овозможува решение со најширок легитимитет прифатено од македонскиот народ и државјаните на Република Македонија, и второ, учество на две македонски и дури пет албански партии е неприродна, неприфатлива и недозволива состојба, бидејќи не ја отсликува реалноста во Република Македонија, недозволиво го фаворизира албанското малцинство наспроти македонскиот народ и сите други малцинства во земјата.
Дотолку повеќе, овие избори имаат историско значење – или ќе се зацементира бришењето на сè што е македонско или ќе победат националните и патриотските сили кои ќе ги поништат антимакедонските договори со кои се брише името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.
Знам колку се овие прашања важни за вас и длабоко го ценам времето што го употребивте да ги разгледате моите размислувања од витален интерес за македонскиот народ и македонската држава“, вели Бачев во писмото до Мицкоски.