До денеска вкупно 90 проценти од училиштата или 89 отсто од сите ученици во Бугарија преминаа на онлајн учење поради коронавирусот, соопшти бугарскиот министер за образование Красимир Валчев.
Останатите 11 проценти од учениците не можат да посетуваат онлајн часови затоа што немаат Интернет. Со некои од нив ќе се работи и по телефон, или ќе се испечатат материјали.
Во моментов околу две илјади наставници немаат техничка можност да предаваат онлајн. За нив ќе се купи техника во следните денови. Обезбедени се меѓу еден и два милиони лева во рамките на оперативната програма „Наука и образование за интелигентен раст”, информира министерот.
Валчев уште соопшти дека техничката инфраструктура е подложена на огромен тест. Обемот на податоци и информации нагло е зголемен во последните денови за пет до 20 пати.
– Нема инфраструктура која може да издржи такво преоптоварување, рече бугарскиот министер и додаде дека за предавањата училиштата ќе користат онлајн платформа на „Мајкрософт”.
Тој категорично истакна дека учебната година нема да се поништи и не препорача да се прават планови како ќе се реорганизира учебната програма во април. Експертите разгледувале неколку варијанти.