Поради состојбата со коронавирусот внатрешниот превоз веќе бележи пад од 65 до 70 проценти, а во меѓународниот се очекува пад од 100 проценти. Државата и целото стопанство во 96 проценти зависи од превозот на стока и затоа е неопходна поддршка, велат од асоцијациите и здруженијата на патните превозници, кои во координација со надлежните институции преземаат мерки за заглавените превозници на граничните премини по затворањето на границите во регионот и Европа.
Од Словенија, Хрватска и Србија вчера почнаа да се движат конвои и веќе има голем број возила што се вратија во државава, но, како што изјави за МИА претседателката на асоцијацијата на превозници „Макам-транс” Билјана Муратовска, мора да сме свесни дека застојот е огромен и се прават напори сите да се ослободат од кој било дел на Европа.
Муратовска најавува дека во текот на денов ќе има повеќе состаноци на кои ќе се усвојуваат посебни мерки за превоз на стока, ќе има и регионални видео состаноци на државите од Балканот, се со цел да се воспостават пишани правила и процедури за движење на превозниците на стока низ териториите на државите кои имаат воведено посебни безбедносни мерки, а на кои ќе присуствува и „Макам-транс”.
– Нашиот предлог е да се воспостават коридори низ државите каде возилата ќе можат непречено да се движат и да ги завршуваат преземените обврски за дотур на стока. Активностите што се спроведоа од петокот попладне па се до денес вродија со плод и тоа укажува и покажува дека заедничката соработка на сите нивоа вродува со плод и така треба да се продолжи за да се надмине настанатата ситуација со што е можно помалку последици за сите нас како личности, но и за економијата во целост, изјави Муратовска.
Таа истакнува дека се во секојдневен контакт со надлежните органи, предлагаат мерки за надминување на настанатите ситуации и пријавуваат на кои гранични премини низ државите во Европа има заглавени превозници.
„Макам-транс” во текот на викендот до Владата достави Протокол за постапување за учесниците на сите во синџирот на достава на стока испорачател/ приемник на стока, превозник, шпедитер и контролни органи на гранични премини, затоа што, како што истакнуваат, превозот на стока на меѓународно и внатрешно ниво не смее да запре.
– Државата, целото стопанство зависи 96 проценти од превоз на стока во патниот сообраќај, а истото се однесува и на сите други држави во Европа, а особено од регионот. Економијата не смее да се стави во целосно мирување и изолација затоа што незиното рестартирање ќе биде многу тешко, а во меѓувреме ќе се потрошат сите стокови резерви и ќе завлада уште поголема пандемија, односно хаос. Превозниците секогаш биле први што ги чувствуваат последиците од какви било кризи и временски услови, но се и единствени кои не запираат, забавуваат, но постојано се движат за доброто на сите нас и затоа сите треба да изразиме огромен респект кон нив и нивните возачи кои несебично се жртвуваат, надминуваат пречки и си ја вршат својата должност како општествено одговорни личности, изјави Муратовска, посочувајќи дека се во постојана комуникација со вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, министрите за надворешни работи и за транспорт и врски Никола Димитров и Горан Сугарески, како и со нивните служби кои оперативно ги спроведуваат потребните активности.
Таа истакнува дека постојано прибираат податоци за застои на граничните премини и апелираат до сите превозници без разлика дали се членки или не на асоцијацијата да ги пријавуваат застоите и да даваат податоци за: име и презиме на возач, регистарски броеви на возила, телефон за контакт и на кој граничен премин се наоѓаат. Овие списоци ги доставуваме понатаму до надлежните органи кои ги проследуваат до нашите амбасади во државите за кои се однесуваат списоците. Од Словенија, Хрватска и Србија вчера започнаа да се движат конвои и веќе има голем број возила кои се вратија во државата, но мора да сме свесни дека застојот е огромен и се прават напори сите да се ослободат од кој било дел на Европа, потенцира Муратовска.
Тие од Владата веќе побараа да донесе мерки со кои ќе се намалат трошоците на транспортните фирми кон државата од аспект на исплата на разни административни такси, даноци и придонеси со што ќе се даде можност да се обезбедат средства за да се одржува дневна ликвидност и да се исплаќаат редовно износите за нето плата. Бараат итно на превозниците да им се врати Данокот на додадена врендост, да се одложат давачките за персонален данок и социјалните давачки за одреден период, се до надминување на настанатите ситуации на ниво на Европа или да се заборават овие давачки еден или два месеца, затоа што меѓународниот превоз на стока се врши на територии на сите држави од Европа.
– Во моментот сите превозни трговски друштва се соочуваат со намален обем на работа, застои на гранични премини, но и враќање на превозници од граничните премини, што значи дека превозите се одвиваат со огромно задоцнување каде цената на превозот не ги покрива превозните трошоци, што значи нема нивно намалување на тековната ликвидност. Фактот дека не се знае до кога ќе потрае оваа вондредна состојба, укажува дека еден голем број превозници кои заедно со своите семејства опфаќаат над 50.000 лица од државата, ќе се соочат со егзистенционални проблеми за исплата на плата, за покривање тековни трошоци, затоа што застојот во извршување на работните активности на целото стопанство имаат директни и индеректни влијанија на работата на сите правни субјекти, оценува „Макам-транс”.