ЕСМ: Производството на струја се одвива непречено

АД ЕСМ известува дека ги презема сите мерки за заштита од коронавирусот што ги препорачуваат надлежните државни органи, со цел да го обезбеди здравјето на своите вработени од една страна, а од друга да овозможи непречено производство на електрична енергија. Во РЕК Битола од денес забранет е влезот за сите надворешни лица кои немаат ургентна потреба. Од компанијата велат дека производството на електрична енергија од капацитетите на РЕК Битола и на АД ЕСМ се одвива во согласност со потребите на електроенергетскиот систем.

„Посебни мерки се преземени во РЕК Битола, каде се произведуваат 70% од електричната енергија и кој е од клучно значење за електро-енергетскиот сектор. Од изутрината на главната капија се поставени средства за дезинфекција на рацете, а во соработка со Синдикатот на АД ЕСМ и Синдикатот на РЕК Битола, секој од вработените доби заштитна маска и ракавици“, се наведува во соопштението. Од таму додаваат дека средства за лична хигиена на база на алкохол се поставени во сите работни простории каде викендов, пак, започна вонредна дезинфекција.

Комбинатот следејќи ги препораките на Владата веќе ослободи од работни обврски 100-тина вработени заради обезбедување грижа за своите деца до 10 години, а се прави дополнителна внатрешна реорганизација за да се обезбедат услови за имплементација на можноста за работа од дома.

Треба да знаете
Последни објави