САД ќе преземат мерки за самоодбрана доколку бидат нападнати, изјави американскиот државен секретар Мајк Помпео во разговор со ирачкиот премиер Адил Абдул Махди по ракетниот напад врз ирачка база каде што се стационирани американски војници, кои помагаат во борбата против Исламска држава, соопшти Стејт департментот.
Пред два дена тројца американски војници беа повредени при ракетен напад, втор во текот на минатата недела, врз базата Таџи.
Според Помпео, ирачката Влада треба да ја штити меѓународната коалиција која и помага на земјата.
– Државниот секретар нагласи дека групите кои се одговорни за овие напади треба да сносат одговорност. САД нема да толерираат напади и закани врз животот на Американци и ќе преземат дополнителни дејствија за самоодбрана, истакна денеска портпаролката на Стејт департментот, Морган Ортегас.