Четирите стопански комори ги доставија антикризните барања до Владата

– Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на северозападна Македонија, МАСИТ и Сојузот на стопански комори (ССК) денеска до Владата и официјално ги доставија барањата за справување со новонастанатата ситуација предизвикана од коронавирусот.

Барањата се групирани во пет сета, а дописот е адресиран до вицепремиерката Мила Царовска.

Даночни олеснувања, субвенционирање на платите за сите вработени додека траат превентивните мерки, субвенции на трошоците на компаниите за бруто плати за сите кои се отсутни од работа – хронично болни и родители на деца под 10 години, исплаќање нето плати без придонеси без да се блокираат сметките и без казни за работодавачите ако некоја фирма не може да исплати цела плата, намалување на придонесите за сите вработени од најмалку 50 отсто додека трае кризата поради намален ефективен фонд на часови, се само дел од барањата на четирите комори.

Според коморите, вработените кои ќе бидат дома и во самоизолација треба да имаат третман на болни и да бидат платени од Фондот на здравство за период од еден месец, а потоа да се дејствува согласно ситуацијата.

Во однос на даноците бизнис секторот бара одложување на даночните обврски во секторите и фирмите подгодени од коронавирусот, концесиите кон државата да бидат намалени додеа трае кризата, мораториум на месечните аконтации за данок на добивка и обврските за ДДВ додека трае кризата, субвенционирање на персоналниот данок и данок на личен доход за сите вработени, намалување на данок на личен доход за период од 3 месеци, поврат на ДДВ да  се врши со зголемена динамика.

Во дописот се бара и намалување на акцизата за нафтени деривати и алкохол до 50 отсто, плаќањата кон домашните компании да имаат приоритет, да се продолжат роковите за изведба на потпишаните договори, намалување на комуналната такса, како и пристап до финансии и дефенирање посебни мерки за сектрорите од посебно значење.

За ланецот на снабдување со течни горива и фармацевската и хемиската индустрија се бара план за зачувување на функционалноста на снабдувањето.

– Да се преземат итни мерки за функционирање на ланецот на супермаркети, да не се плаќа туристичка такса додека трае состојбата, да нема трошоци за ЗАМП, а субвенциите за странските гости да се пренаменат кон домашните хотели. Да се обезбеди поддршка за намалување на штетите од секторот „игри на среќа”, односно 100 проценти ослободување од вкупните придонеси за плати за април, 50 отсто ослободување од персоналниот данок за кирии за месец март и 100 проценти осолободување од персоналниот данок за кирии за април, пишува во дописот.

Треба да знаете
Последни објави