Австрискиот канцелар Себастијан Курц, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и премиерите на земјите од Западен Балкан денеска одржаа видео конференција, на која освен за борбата против коронавирусот, се отвори и прашањето за проширувањето на ЕУ и илегалната миграција.
Тие се изјаснија дека се согласуваат уште овој месец ЕУ да донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.
– Ја потенцираме потребата ЕУ уште во март да донесе одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, се наведува во заклучокот од видео конференцијата.
Како што истакнаа учесниците, тоа е од одлучувачко значење како за двете земји, така и за веродостојноста на европската перспектива на целиот регион.
Во заклучокот од состанокот е поздравен и предлогот на Европската комисија за новата методологија на процесот за проширување.
На денешната видео конференција учествуваа премиерите на Северна Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, БиХ и Косово.