Полицијата во српскиот град Крушевац, по налог на Обвинителството, ќе поднесе кривични пријави против пет лица, поради сомнение дека сториле кривично дело неисполнување на здравствените регулативи во време на епидемија.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, полицијата при контрола на адреса на живеење, не пронашла тројца жители на Крушевац, на возраст од 68, 32 и 25 години, на кои им била одредена 14-дневна мерка за самоизолација, врз основа на Одлуката за прогласувањето на вонредна состојба.
Исто така, полицијата на адреса на престој не пронајде четириесет и седумгодишен маж од Александровац и триесетгодишен маж од Трстеник, кои со ова ја прекршиле мерката за самоизолација, соппштија од српското Министерство за внатрешни работи.
Белградската полиција соопшти дека денеска ги уапсила М.Д. (37) и Д.В. (28) од Лесковац поради недозволена трговија со маски за лице и притоа заплени големата количина од тој вид стока.
Според полицијата, во Земун, на автобуска станица, кај Д.В. пронајдени се 6.000 заштитни маски за лице спакувани во кутии.