Димковски за МИА: Ако има потреба ќе се реагира и за одредени земјоделски производи

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство постојано и будно ја следи состојбата со појавата на вирусот КОВИД-19 и ќе реагира со соодветни мерки доколку има потреба за одредени земјоделски производи.

-Нема простор за паника. Има доволно залихи на основните земјоделско – прехранбени производи. Владата вчера веќе донесе дел од мерките, се замрзнуваат цените на основните продукти и тоа на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства, освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури, изјави за МИА ресорниот министер, Трајан Димковски.

Владата синоќа донесе сет мерки согласно кои ги задолжи Министерството за економија, Министерството за земјоделство и Агенцијата за стокови резерви да изработат листа на прехранбени производи кои би биле предмет на евентуален интервентен увоз во рок од пет дена. Агенцијата за стокови резерви ќе треба веднаш да достави листа на стоки кои ги има на залиха со податоци за количина. Ја усвои и Информацијата со која се предлага забрана за извоз на пченица и брашно од пченица кон сите земји за неограничено време. Воедно ги задолжи Царинската управа и Министерството за земјоделството да го следат трендот на извоз на рафинирано сончогледово масло за јадење, ориз, кондиторски и пекарски производи (тестенини, бисквити).

Треба да знаете
Последни објави