Заев: Воведувњето на вонредна состојба е неопходно

Здравјето и безбедноста на граѓаните немаат цена и за нас секогаш се на прво место, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев по лидррската средба кај претседателот Стево Пендаровски.
На оваа средба го споделивме ставот дека нема услови за нормално спроведување на изборите и како одговорни политичари сите наши капацитети, ресурси ги ставаме во функција на заштита на здравјето на граѓаните и борба со корона вирусот. Сега кога имаме заеднички непријател во коронa вирусот, не е време за политички противници. Заштитата на граѓаните и справувањето со последиците од овој светски, глобален проблем, тоа е она кон кое сега треба да сме сите насочени и посветени. Согласно анализите и проекциите за економските последици сакам да најавам дека подготвуваме сет на економски мерки за помош на стопанството, фирмите и граѓаните, за помош на најпогодените. Сите мора да се однесуваме солидарно, маката да ја споделиме, заедно да излеземе посилни. На оваа средба ја отворив и потребата од воведување вонредна состојба.

 

Имајќи ја предвид ситуацијата воведувањето вонредна состојба е неопходно за да може брзо и ефикасно да се донесат мерки особено за здравствената состојба на граѓаните, но и за економските мерки за помош кон стопанството и граѓаните. Уште еднаш сакам да им се заблагодарам и да им оддадам јавно  признание и почит на сите кои учествуваат во борбата против овој вирус, здравствените работници, полициските службеници, припадниците на армијата, службениците, институциите. Апелирам повторно до сите наши граѓани, сериозно, ќе повторам, сериозно, да ја сфатат ситуацијата и доследно да ги почитуваат сите мерки и препораки од Владата. Тоа значително ќе помогне во спречување на ширењето на вирусот. Верувам дека сите, ама буквално на сите ни стана јасно колку е сериозна оваа здравствена криза предизвикана од корона вирусот.
Верувам дека можеме да успееме, можеме да се избориме со овој предизвик како што сме се избориле со предизвиците и во минатото.
Затоа е важно сите граѓани, институциите но и политичките партии да останат посветени на заштита од натамошно ширење на заразата, а тоа најдобро ќе го постигнат преку почитување и спроведување на мерките и препораките.
Тука сме да им служиме на граѓаните, да покажеме одговорност, да го заштитиме здравјето на граѓаните, да си ја заштитиме државата.
Истовремено денеска дадовме право на претседателот на државата Стево Пендаровски  да свика експертска група да ги најде правно формалните модалитети за донесувањето на одлуката за одложување на изборите и за одлуката кој на ново ќе ги распише самите избори.
Верувам дека консензусот постигнат од сите е дека имаме правни, човечки, здравствени, економски причини за одложувањето на изборите.
Верувам дека институциите на системот ќе донесат одлука за прогласување на вонредна состојба во државата.

 

 

Треба да знаете
Последни објави