Сите 120 гости во хотелот „Квинта до сол” на португалскиот остров Мадеира се ставени во изолација откако е утврдено дека холандски турист е позитивен на коронавирусот, соопшти денеска регионалната Влада.
Гостинот од Холандија во хотелот пристигнал минатиот четврток.
– Сите ние треба да бидеме свесни за сериозноста на ситуацијата поради големиот предизвик што претстои, изјави регионалниот премиер на Мадеира Мигел Албукерке на прес-конференција.
Ова е прв случај на островот, додека во Португалија досега се регистрирани 331 заразени, а вчера е пријавен и првиот смртен случај од Ковид-19.
Регионалната Влада во саботата објави дека сите патници кои пристигнуваат на Мадеира треба да бидат во задолжителен карантин најмалку 14 дена за да се спречи ширењето на вирусот.
Локалните власти вршат притисок врз националната Влада да ги затвори границите.



