Нема точна бројка на наши државјани кои се заглавени надвор од државата, МНР работи на нивно враќање, порача Димитров

Многу е тешко да се каже бројка на наши државјани кои во моментов се останати надвор од нашите граници, но ги има многу, а МНР прави што може за нивно враќање во земјава, изјави денеска  шефот на дипломатијата Никола Димитров.

-. Граѓаните треба да знаат дека ние немаме контрола врз туѓи граници. Секој ден има држава што носи одлука и ја зајакнува ригидноста на граничниот режим. Последна денеска за што чекам втора потврда, е Унгарија која затвора граници за странски државјани. Има многу наши граѓани, рече Димитров на новинарско прашање на заедничката прес-конференција во Владата со шпанскиот амбасадор Лоренцо Сера.

Тој укажа дека утрово добил информација дури и за мала група наши граѓани во Лима, во Перу, синоќа за еден пар во Њујорк, како и за семејства кои се затекнати во Виена.

-Мораме ова да го работиме ад хок, нема начин бидејќи ние немаме луѓе насекаде каде имаме граѓани, а немаме насекаде ниту ДКП. Мора да се разбере дека е исклучително вонредна ситуција. Мислам дека е крајно неодговорно денес да се патува. Никој не може да гарантира кога ќе биде нивното враќање. Ситуацијата е крајно непредвидлива, рече Димитров.

Групата што вчера беше извлечена од граничниот премин Хоргош од Унгарија кон Србија, рече дека е насочена преку Романија и Бугарија и денеска веќе почналеле да пристигнуваат на Деве Баир каде има екипа од МВР,  и медицинска екипа од МЗ која чека да ги прими и да се погрижи за нивната безбедност и за здравствената состојба и безбедност на населението. Друга група наши граѓани во неколку автомобиле биле извлечени од хрватско-српската граница.

-Ние немаме начин да имаме увид во точни бројки. Ќе направиме се што можеме да си ги вратиме граѓаните. Истовремено, за оние со регулиран престој во трети држави, апелираме како што Владата и Кризното тело заклучија да не се патува сега во овој кризен период, рече Димитров.

Во однос на работата на ДКП-а нагласи дека тие функционираат во вонредна состојба, нема работно време, и оти се по потреба во постојан контакт со нив во кој било дел од денот. Рестриктивен е личниот контакт заради пандемијата и само за итни конзуларни услуги мора да се закаже.

-Ние имаме во просек двајца до тројца луѓе во ДКП, од кои некаде едниот е и локален персонал, а некаде добививаат и по 500 до 1000 повици дневно. Оперативни се целосно се на линија со нашиот кризен тим во МНР, но ресурсите се такви какви се. Во некои места како Малта каде наши граѓани имаа откажан лет и останаа таму, немаме ДКП, и пробавме со почесниот конзул. Правиме се што можеме, но немаме свои авиони, можеме само да помагаме преку други, да информираме чесно и трансапрентно за нашите можности, рече Димитров, наведувајќи дека ќе продолжат со овие напори додека не се извлечат сите наши граѓани затекнати на границите низ регионот, а се прават напори за заемна помош со други држави. 

Треба да знаете
Последни објави