И покрај ставот на лидерите на партиите, ДИК продолжува со работа за изборите до донесување на конечна одлука за одложување

Државната изборна комисија (ДИК) ќе продолжи со работа се додека не биде донесена друга одлука во врска со предвремените парламентарни избори, истакнаа денеска на седница членовите на Комисијата.

На седницата на Комисијата во вилата Водно се одржа лидерска средба на која едногласно беше донесена одлука за одложување на изборите поради коронавирусот, но тоа треба правно да се дефинира, за што попладневно претседателот Стево Пендаровски заедно со премиерот Оливер Спасовски, претседателот на Собранието Талат Џафери и експерти по Уставно право одржуваат средба.

ДИК на денешната седница ги потврди кандидатските листи за изборите на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Тие имаат кандидатски листи за шесте изборни единици и за дијаспората.

Доколку се одржеа избори на 12 април, немаше да има гласање во дијаспората бидејќи ДИК утврдила дека од вкупно 7.535 пријавени македонски државјани во ДКП-та, 6.096 ги исполнуваат условите за гласање во странство. Одбиени се 1.439 пријави на нашинци од дијаспората.

Претседателот на ДИК појасни дека законски секој што сака да гласа пријавата треба да ја испрати од личен мејл, а не како што било случај од еден мејл да бидат испраќани по 180-200 пријави за гласање.

За да се организираат избори во дијаспората потребно е за гласае да има 6.540 валидни пријави, онолку колку што на последните избори освоил пратеникот со најмал број гласови.

Бидејќи се уште изборите и формално не се одложени ДИК, како што нагласи Јанаке Витановски, ќе мора да одлучува се додека не биде донесена друга одлука. Па, така, членовите на ДИК денеска донесоа одлука и за опис на избирачките места.

До донесување на одлуката за одложување на изборите, Комисијата ќе одлучува и се очекува да ги потврди и другите кандидатски листи, имајќи ги предвид роковите кога се доставени.

Повеќе од половината од членовите на Комисијата денеска работеа со ракавици на рацете, како заштита од корона вирусот.

Треба да знаете
Последни објави