СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.А.(30), поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
Во временскиот период од 19.02.2020 до 25.02.2020 пријавениот, на работно место помлад референт – матичар во Управата за водење на матични книги, во матично подрачје Бутел и Чаир, ја злоупотребил својата службена положба со пречекорување на своите службени овластувања, спротивно на член 5 од Договорот за вработување на начин што ги искористил податоците од туѓа платежна картичка од банка, стекнувајќи се со противправна имотна корист.
Сопственичката на платежната картичка при вадење на извод од матичната книга на венчаните му ја предала платежната картичка на пријавеното лице за да изврши наплата на потребните парични средства. Во горенаведениот период, платежната картичка останала кај пријавениот и тој направил уште 32 трансакции, по основ на уплата за вадење на изводи од матичните книги на родените, венчаните и умрените од други странки, известувајќи ги дека тој за нив ќе ги уплати паричните средства од неговата платежна картичка, а парите земени во готово од странките ги присвојувал.